Охрид

О Х Р И Д - Градот на светлината 

Убавините и богатството на Охрид се нешто што мора да се доживее, нешто што не може да се опиши со зборови. Заедно со езерото покрај него, Националниот парк Галичица и со богатата македонска историја која се гледа секаде наоколу, преставува бисер на Балканот.
Охрид бил населен пред илјадници години. Во тоа време антички Лихнидос бил формиран на ридот на североисточниот дел на Охридското Езеро, а врз неговите урнатини се издигнал средновековниот Охрид за денес на тие темели и покрај тие градби да порасне современиот Охрид.


 
Некогаш имал 365 цркви - по една за секој ден во годината, а дел од црквите уште се тука за да сведочат за тоа. Црквите се исполнети со многубројни фрески, икони, резби кои потекнуваат од пред многу векови. Исто така има и голем број на џамии.
Во Охрид се одржуваат многу културни манифестации, а една од нив е фестивалот со светско реноме ’’Охридско лето’’. Градот е еден од најстарите на Балканскиот Полуостров, а за тоа сведочат природните и културните богатства што минатите цивилизации ги оставале зад себе.
Природното наследство на Охрид и Охридското Езеро, во 1979 година е ставено под заштита на Унеско, културното наследство на Охрид е ставено под заштита на Унеско во 1980 година.
Охридското Езеро е најстаро езеро во Европа, а е едно од најстарите во светот, со старост меѓу 4 и 10 милиони години. Настанато е во терциерниот период, а по потекло е тектонско. Максимална длабочина е 289 метри, што го вбројува на седмо место по длабочина во Европа.
Многуте површински и подводни извори го хранат езерото со вода, а исто така во него се влеваат околу 40 реки и потоци. Водата во езерото е кристално чиста, а неговата провидност е преку 20 метри длабочина.